Македонската економија влегува во период на побавно и поранливо движење, покажуваат Пролетните економски прогнози на Европската комисија. Според проценките, по раст од 3,5% во 2025 година, БДП треба да забави на 3,2% во 2026 и 3,1% во 2027 година. Тоа значи дека економијата формално продолжува да расте, но со помал простор за грешки и со поголема зависност од надворешни фактори.
Главен двигател на растот останува домашната побарувачка, поттикната од инфраструктурни работи, приватни инвестиции и потрошувачка на домаќинствата. Но слабата страна останува извозот. Европската комисија предупредува дека нето-извозот и понатаму негативно влијае врз растот, додека увозната зависност од нафта, гас и други стоки го влошува трговскиот биланс.
Инвестициите се очекува да растат за 9,8% во 2026 и 8,8% во 2027 година, но извозот забавува од 6,1% во 2025 на 5,4% во 2026 и 4,6% во 2027 година. Истовремено, тековната сметка треба да се влоши од минус 4,4% од БДП во 2025 на минус 4,9% во 2026 година, пред делумно подобрување во 2027 година. Трговскиот дефицит кај стоките останува длабок, околу 20% од БДП.
Инфлацијата е вториот голем ризик. По 4,1% во 2025 година, Европската комисија очекува раст на цените од 4,4% во 2026 година, пред намалување на 3,1% во 2027 година. Проблемот е што цените на храната и енергијата имаат големо учество во потрошувачката кошничка, што најсилно ги погодува домаќинствата со пониски приходи.
На пазарот на труд се очекува мало подобрување, со намалување на невработеноста од 10,8% во 2025 на 10,5% во 2026 и 10,4% во 2027 година. Сепак, остануваат старите структурни проблеми: ниската активност на работоспособното население, невработеноста на младите и иселувањето на квалификувани кадри.
Фискалната слика исто така останува ограничена. Дефицитот се очекува да биде 4,0% од БДП во 2025, 3,8% во 2026 и 3,5% во 2027 година, додека јавниот долг постепено расте до 53,3% од БДП во 2027 година. Пораката од Брисел е јасна: економијата расте, но без посилен извоз, продуктивност и подобра реализација на капиталните инвестиции, тој раст ќе се чувствува многу послабо во секојдневниот живот.







