Се очекува Владата денес да одржи седница на која ќе се разгледува можноста за преземање нови мерки за ублажување на растот на цените, врз основа на анализа на извештај подготвен од надлежните институции.
Од Министерството за економија и труд информираат дека во тек е обработка на податоците добиени од Државниот пазарен инспекторат, по што ќе следи нивна детална евалуација и подготовка за разгледување на владината седница. Согласно донесените заклучоци, ќе се утврди дали ќе се интервенира на пазарот преку инструменти како намалување на даночните давачки или ограничување на трговските маржи.
Според податоците од ресорното министерство, во изминатиот период биле реализирани повеќе од 140 инспекциски контроли во над 800 продажни објекти ширум државата. Надзорот ги опфатил производителите, увозниците, дистрибутерите, како и големите и малите малопродажни синџири, со акцент на основните прехранбени производи, средствата за хигиена и артиклите за деца.
Извештајот е изработен по барање на премиерот Христијан Мицкоски, со цел да се анализираат ценовните трендови на почетокот на април во споредба со претходниот период.
Првичните наоди укажуваат на зголемување на цените кај повеќе категории производи, особено кај основните прехранбени артикли.






