Цените на горивата и мазивата за личен транспорт во Европската Унија во април значително пораснале, во споредба со истиот месец минатата година. Според податоците на Евростат, годишниот раст изнесува 20,8%, со што е прекинат претходниот период во кој цените генерално се намалуваа во повеќето земји членки.
Поскапување е регистрирано во сите земји од ЕУ, а во 15 од нив растот бил повисок од 20%. Најголемо годишно зголемување има во Луксембург, каде што цените пораснале за 33,8%. Следуваат Франција и Шведска со по 29,3%, Латвија со 28,1% и Бугарија со 27,8%. Најмало зголемување е забележано во Унгарија со 1,5%, Полска со 8,8% и Италија со 12,9%.
Најсилен удар има кај дизелот. Неговата цена во април била повисока за 33,7% на годишно ниво, додека бензинот поскапел за 13,6%. На месечно ниво, во споредба со март, дизелот пораснал за 7,9%, а бензинот за 2,4%.
По земји, најголем месечен раст на дизелот е регистриран во Словенија со 23,5%, Бугарија со 19,5% и Кипар со 18%. Кај бензините, 23 земји-членки забележале поскапување меѓу март и април, со раст што се движи од 1,3% во Ирска до 12,9% во Словенија.
Сепак, не сите пазари се движеле во иста насока. Во Романија, Шпанија и Полска, бензинот поевтинил во април во споредба со претходниот месец. Тоа покажува дека иако европскиот тренд е јасно нагорен, локалните даночни политики, залихите и пазарните услови сè уште создаваат разлики меѓу земјите.
Растот на горивата доаѓа во чувствителен период за европските домаќинства и бизниси, бидејќи повисоките цени на транспортот брзо се прелеваат врз производството, логистиката и крајните цени на производите.







