CLARITY Act влегува во клучна сенатска фаза со повеќе од 100 амандмани пред гласањето пред комитет

Американскиот CLARITY Act, еден од најважните предлози за регулирање на крипто-пазарот во САД, се соочува со силен политички притисок непосредно пред клучното разгледување во сенатскиот комитет за банкарство. Според повеќе извештаи, пред најавената markup расправа биле поднесени повеќе од 100 амандмани, што покажува дека и покрај напредокот кон регулаторна рамка, текстот и натаму отвора сериозни поделби меѓу политичарите, банките и крипто-индустријата.

 

Во суштина, CLARITY Act треба да постави појасни правила за тоа како во САД ќе се регулираат криптовалутите, stablecoin проектите, крипто-берзите и другите компании од секторот. Новиот сенатски текст, објавен од Комитетот, вклучува забрана за каматни или приносни награди на неактивни stablecoin салда што би личеле на банкарски депозити, но сепак остава простор за одредени награди поврзани со трансакциска употреба. Токму оваа точка се претвори во една од главните линии на судир меѓу крипто-компаниите и банкарското лоби.

 

Покрај прашањето за stablecoin, дел од предложените измени отвораат и многу пошироки теми. Меѓу нив се ограничувањето на пристапот на крипто-компаниите до системот за федерални резерви, како и предлози со кои би се блокирала можноста криптовалутите да се користат како законско средство за плаќање, меѓудругото, и за подмирување даноци. Таквите иницијативи директно удираат во еден од долгорочните наративи на крипто-секторот — дека дигиталните средства треба постепено да се движат од шпекулативна актива кон поширока реална употреба во плаќања и финансиска инфраструктура.

 

Истовремено, самата законска рамка оди и многу подалеку од stablecoin сегментот. Според Reuters, предлогот предвидува крипто-берзите, брокерите и дилерите да бидат третирани како финансиски институции според правилата за спречување перење пари, а исто така отвора и можност крипто-компаниите да прибираат капитал до одредени лимити без класична регистрација вој Комисијата за хартии од вредност. Законот истовремено потврдува дека токенизираните хартии од вредност и понатаму остануваат под режимот на законите за хартии од вредност, што е обид да се спречи регулаторна сива зона.

 

Политички, патот на законот останува чувствителен. Сенатскиот комитет треба да решава не само за техничките регулаторни одредби, туку и за пошироките етички и системски прашања, кои, дел од демократите ги отвораат околу конфликтот на интереси, финансиската стабилност и заштитата на инвеститорите. Затоа, иако CLARITY Act се претставува како голем чекор кон конечно расчистување на крипто-правилата во САД, тековната фаза покажува дека борбата околу иднината на американската крипто-регулација е далеку од завршена.

Поврзани вести

Препорачано