Цените на нафтата значително се намалија откако беше објавено примирје во конфликтот меѓу САД и Иран. Сортите Брент и американската лесна нафта ВТИ забележаа пад од речиси 15 проценти, достигнувајќи 93,92 и 95,70 долари по барел, што е најниско ниво во изминатиот месец.
Одлуката дојде непосредно пред истекот на рокот што самиот го постави американскиот претседател Доналд Трамп, кој се согласи на двонеделен прекин на огнот. Како клучен услов беше наведено повторното отворање на Ормускиот теснец – една од најважните светски рути за транспорт на нафта, објавено преку платформата Трут Соушл.
И покрај позитивните реакции на пазарите, експертите повикуваат на претпазливост. Аналитичарите на Покраинската банка Баден Виртемберг посочуваат дека, и во нормални околности, низ теснецот дневно поминуваат околу 135 бродови, што значи дека нормализацијата на сообраќајот ќе се одвива постепено.
Тие предупредуваат дека нарушувањата во синџирите на снабдување и можните краткорочни недостатоци на енергенси и стоки остануваат реален ризик.
Во меѓувреме, примирјето позитивно се одрази и на берзите. Јапонскиот индекс Никеи порасна за 5 проценти, додека јужнокорејскиот Коспи забележа раст од 6 проценти.
Сепак, аналитичарите остануваат воздржани во проценките за долгорочниот ефект од договорот. Инвестициската стратег Чару Чанана од банката Саксо истакнува дека исходот ќе зависи од напредокот на преговорите во наредните две недели.
„Клучно е дали ќе има вистинска деескалација или ова ќе остане само краткорочно олеснување“, оценува Чанана.






