Американскиот долар продолжи да слабее на светските девизни пазари и втора недела по ред, додека еврото забележа нов раст и се искачи на највисоко ниво во последните месеци. Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошница од шест водечки валути, се намали за 0,44% и се спушти на 98,81 поен.
Најсилно зајакнување имаше еврото, кое во однос на доларот порасна за 0,63%. На крајот од неделата, едно евро се тргуваше за 1,1678 долари. Курсот на доларот во однос на јапонскиот јен остана речиси непроменет, на ниво од 159,20 јени за еден долар.
Посебно внимание привлече и интервенцијата на јапонските власти на девизниот пазар. Според податоците на Министерството за финансии на Јапонија, во текот на минатиот месец биле потрошени околу 11,7 билиони јени, односно, приближно 73,5 милијарди долари за поддршка на националната валута и ограничување на инфлаторните притисоци.
На движењата на валутите влијаат и геополитичките случувања на Блискиот Исток. Сигналите дека САД и Иран разговараат за продолжување на примирјето и можноста за непречена пловидба низ Ормускиот теснец ги намалија стравувањата од нов енергетски шок. Тоа влијаеше врз расположението на инвеститорите и ја намали побарувачката за доларот како сигурно засолниште.
Дополнителен притисок врз американската валута создадоа и најновите економски податоци од САД. Инфлацијата во април забележала најбрз раст во последните три години, главно поради поскапувањето на енергенсите, додека економијата во првиот квартал пораснала за 1,6% на годишно ниво, што е послабо од претходните очекувања.
Аналитичарите оценуваат дека девизните пазари и понатаму ќе останат чувствителни на развојот на настаните околу Блискиот Исток, цените на енергенсите и економските сигнали од САД. Засега, доларот останува под притисок, додека еврото ја зајакнува својата позиција на меѓународните пазари.







