Samsung со значителна инвестиција во Виетнам

Јужнокорејската компанија Samsung Electronics планира да издвои околу 1,5 милијарди американски долари за инвестиција во Виетнам. Имено, според инвестициските планови на компанијата, станува збор за вложување во изградба на својот прв специјализиран објект за тестирање на чипови за вештачка интелигенција во Виетнам.

 

Изградбата на новиот капацитет веќе е започната во индустриска зона која се наоѓа околу 60 километри северно од Ханој. Според документи доставени од локалните власти во април, тестирањето на чиповите се очекува да започне во ноември следната година.

 

Во објектот Samsung ќе се фокусира главно на производство и тестирање на постари генерации чипови. Планираниот годишен капацитет изнесува околу 153,3 милијарди гигабити DRAM мемориски чипови и дополнителни 255,6 милијарди гигабити NAND мемориски чипови.

 

Иако овие информации за инвестицијата, капацитетот и роковите се појавуваат во документите, тие сѐ уште не се официјално потврдени од компанијата, која одбила да ги коментира наводите.

 

Големата побарувачка за мемориски чипови од страна на операторите на дата-центри, а за потребите на вештачката интелигенција, создава притисок врз снабдувањето на производителите на смартфони, лаптопи и автомобили.

 

Постарите типови мемориски чипови не се клучни за AI инфраструктурата, но нивната достапност се намалува бидејќи големите производители сѐ повеќе ги преносачуваат своите капацитети кон чипови за вештачка интелигенција.

 

Според извори упатени во проектот, на локацијата од април работат над 200 инженери и вработени во Samsung. За време на неодамнешна посета, новинари забележале тешка градежна механизација и засилени активности, а обезбедувањето потврдило дека се гради објект за производство и тестирање на полупроводници.

 

Samsung е најголем светски инвеститор во Виетнам, со повеќе од 23 милијарди долари вложени во изминатите децении. Новиот објект се гради покрај голем комплекс во кој компанијата веќе произведува паметни телефони и таблети.

 

Виетнам воедно претставува важен центар за завршни фази во производството на полупроводници, како што се склопување, пакување и тестирање на чипови – процеси кои бараат значително повеќе работна сила во споредба со самото производство на чипови.

Поврзани вести

Препорачано