Берзите со нагорен тренд, нафтата во пад

Поттикнати од наглото намалување на цените на нафтата, европските берзи бележат раст на вредноста на акциити. Ваквата активност главно се должи на сѐ поголемите очекувања за постигнување на договор помеѓу САД и Иран, како и на потенцијално завршување на конфликтот.

 

Паневропскиот индекс STOXX 600 во 9:30 часот беше во пораст од околу 0,3%, што ја одразува позитивната атмосфера кај инвеститорите. Франкфуртскиот DAX порасна за 0,62% и достигна 25.340 поени, додека парискиот CAC 40 се зголеми за 0,35%, на 8.205 поени. Лондонскиот FTSE 100, пак, забалежа благ пад од 0,09%, што укажува на нерамномерно движење на пазарите низ Европа.

 

Главен двигател на оптимизмот на пазарите е падот на цените на нафтата, кој доаѓа по очекувањата дека Ормускиот теснец би можел повторно да биде отворен за непречен поморски сообраќај. На лондонскиот пазар, цената на барел Brent се намали за околу 2,3% и падна на 97,30 долари, додека американскиот WTI падна за приближно 2,9% и се тргуваше на ниво од околу 91,15 долари за барел.

 

Во исто време, азиските берзи бележат силен раст, при што индексот MSCI за азиско-пацифичкиот регион достигна рекордно ниво, со пораст од околу 1%. Пазарите во Индија, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја забележаа раст меѓу 0,1 и 2,3%, додека берзите во Хонг Конг и Шангај паднаа за повеќе од 1%.

 

Особено внимание привлекуваат новите рекорди на јапонскиот Nikkei и јужнокорејскиот Kospi, кои се поттикнати од значителниот раст на акциите во технолошкиот сектор, особено компаниите поврзани со производство на чипови и развој на вештачка интелигенција. Инвеститорите сè повеќе се водат од оптимизмот околу идниот раст на AI индустријата.

 

Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека ваквиот технолошки бран може да спласне. Според нив, моменталната еуфорија на пазарите потсетува на крајот на 1990-тите, кога пукна „dot-com“ балонот. Иако ситуацијата е поинаква денес, постои ризик дел од историјата да се повтори доколку растот не биде поддржан од реални економски основи.

Поврзани вести

Препорачано