Компанијата Alphabet, во чија сопственост е Google, постави нов рекорд на јапонскиот финансиски пазар со издавање обврзници во вредност од 576,5 милијарди јени, односно околу 3,6 милијарди долари. Станува збор за најголемо издавање обврзници од страна на странска компанија во историјата на Јапонија.
Ова воедно е и прво издавање обврзници во јапонски јени за Alphabet, која, како и останатите светски технолошки гиганти, во последниот период значително ги зголемува инвестициите во развој на вештачка интелигенција. Со оглед на огромните трошоци за развој на нови AI технологии, компанијата активно работи на проширување и диверзификација на изворите на финансирање.
Според официјалниот документ за трансакцијата,интересот кај инвеститорите бил исклучително голем. Од Mizuho Securities, една од компаниите што учествуваа во организацијата на издавањето, соопштија дека побарувачката дошла и од домашни и од меѓународни инвеститори, што дополнително ја потврдува довербата во Alphabet и нејзините долгорочни планови.
Со ова издавање е надминат и досегашниот рекорд поставен во 2019 година, кога Berkshire Hathaway на познатиот инвеститор Ворен Бафет издаде обврзници во вредност од 430 милијарди јени.
Alphabet ќе понуди обврзници со различни рокови на доспевање – од 3, 5 и 7 години, па сè до 10, 15, 30 и 40 години. Каматните стапки ќе се движат помеѓу 1,965 и 4,599 проценти, во зависност од рокот на отплата.
Како заеднички водители на ова историско издавање се јавуваат Mizuho Securities, Bank of America и Morgan Stanley.
Аналитичарите оценуваат дека овој потег е уште еден показател дека најголемите технолошки компании во светот агресивно се подготвуваат за новата ера на вештачка интелигенција, каде што инвестициите во инфраструктура, чипови и развој на AI системи достигнува рекордни износи.







