Просечната плата во Србија надмина 1.000 евра, целта за 2027 година е 1.400 евра

Во март 2026 година, просечната плата во Србија достигна 121.650 динари, односно околу 1.036 евра, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика. Во споредба со истиот месец лани, платите се зголемени номинално за 12,6%, а реално за 9,5%, што значи дека растот бил повисок од трошоците за живот.

 

За периодот јануари–март, просечната плата изнесувала 118.736 динари, односно околу 1.011 евра. Според српскиот министер за финансии, Синиша Мали, тоа претставува номинален раст од 11,7% и реален раст од 8,9% во однос на истиот период во 2025 година.

 

Мали потсети дека просечната плата во Србија во 2012 година изнесувала 366 евра и порача дека владината цел е до крајот на 2027 година просечната плата да достигне 1.400 евра. Според националната стратегија, следната цел е до крајот на 2030 година просечната заработка да се искачи на 1.700 евра.

 

Српските власти тврдат дека растот на платите покажува подобрување на животниот стандард, иако граѓаните и понатаму чувствуваат силен притисок од високите цени. Според наведените податоци, куповната моќ е повисока отколку во 2021 година, бидејќи платите растеле побрзо од инфлацијата.

 

Во регионална споредба, Србија веќе се приближува до дел од земјите од Европската Унија, но сè уште заостанува зад Хрватска и Словенија. Хрватската просечна плата е повисока за нешто повеќе од 500 евра, додека словенечката е повисока за околу 640 евра. Во Босна и Херцеговина просечната плата е околу 840 евра, во Македонија околу 785 евра, а во Црна Гора 1.026 евра, односно околу 10 евра помалку од Србија.

 

Според пресметките, со една просечна плата во Србија може да се купат 1.871 леб, 935 литри свежо млеко, 173 kg свински бут, 4.866 јајца или 608 литри масло.

Поврзани вести

Препорачано