Додека домаќинствата, компаниите и државите низ светот се соочуваат со повисоки трошоци и силен ценовен притисок поради војната во Иран, дел од најголемите глобални корпорации остваруваат огромни профити. Конфликтот и блокадата на Ормускиот теснец предизвикаа сериозни потреси на енергетските и финансиските пазари, а токму нестабилноста стана главен извор на заработка за одредени сектори.
Најголемото економско влијание засега доаѓа од наглиот раст и нестабилноста на цените на енергијата. Бидејќи околу една петтина од светската нафта и гас вообичаено минува низ Ормускиот теснец, прекинот на овие текови создаде силни ценовни поместувања. Во такви услови, европските нафтени гиганти, особено оние со силни трговски подружници, успеаа да профитираат од наглите промени на цените.
BP во првите три месеци од годината ја зголеми добивката повеќе од двојно, на 3,2 милијарди долари. Shell исто така ги надмина очекувањата со квартален профит од 6,92 милијарди долари, додека TotalEnergies забележа раст на добивката за речиси една третина, на 5,4 милијарди долари. Иако ExxonMobil и Chevron објавија годишен пад на заработката, и тие ги надминаа прогнозите на аналитичарите и очекуваат дополнителен раст ако цените на нафтата останат високи.
Покрај енергетските компании, силно профитира и банкарскиот сектор. ЏП Морган во својата трговска гранка оствари рекордни 11,6 милијарди долари приходи во првиот квартал, што ѝ донесе втора највисока квартална добивка во историјата. И другите големи американски банки, како Банката на Америка, Морган Стенли, Ситигруп, Голдман Сакс и Велс Фарго, забележаа значителен раст, при што вкупниот профит на оваа група достигнал 47,7 милијарди долари во првите три месеци од 2026 година.
Причината е јасна: во услови на криза и нестабилност, инвеститорите масовно тргуваат, се повлекуваат од поризични средства и бараат побезбедни позиции. Токму зголемениот обем на тргување и високата волатилност им донесоа дополнителна заработка на инвестициските банки.
Во исто време, конфликтот отвори простор и за нов интерес кон обновливите извори на енергија. Според аналитичарите, војната дополнително ја нагласува потребата од диверзификација и намалување на зависноста од фосилни горива, па инвеститорите сè повеќе гледаат на обновливата енергија како на важен сектор за стабилност и отпорност. Една од компаниите што веќе профитира од овој тренд е NextEra Energy, чии акции пораснаа за 17% од почетокот на годината.







