Американски суд ги поништи глобалните царини на Трамп од 10%

Федерален суд за меѓународна трговија во Њујорк ги прогласи за незаконски привремените глобални царини од 10% што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од целиот свет. Според судот, Трамп ги пречекорил своите овластувања и погрешно го протолкувал трговскиот закон од 1974 година, на кој се повикал како правна основа за мерката.

 

Во одлуката се наведува дека американската влада не успеала доволно уверливо да докаже постоење на „основни меѓународни проблеми во плаќање“, што според законот е предуслов за воведување ваков вид царини. Судот исто така утврдил дека наредбата на Трамп се однесувала на трговскиот и тековниот дефицит, иако законот конкретно бара дефицит во билансот на плаќања како услов за активирање на таква мерка.

 

Со пресудата, на американската влада и на Царинската служба им се забранува да продолжат да ги наплатуваат овие увозни давачки од тужителите, меѓу кои е и американската држава Вашингтон. Дополнително, судот наредил веќе наплатените царини да им бидат вратени на тужителите.

 

Од 24 февруари 2026 година, САД наплаќаа царина од 10% за поголемиот дел од увезените стоки, а Трамп претходно најавуваше можност стапката да ја зголеми и на 15%. И покрај најновата судска одлука, тој изјави дека има намера да продолжи со својата царинска политика без оглед на ставот на судството.

 

Се очекува американската влада да поднесе жалба, а случајот потенцијално би можел да заврши и пред Врховниот суд. Пресудата претставува уште еден правен удар врз трговската стратегија на Трамп, откако и претходно беа оспорени други пошироки царински мерки.

Поврзани вести

Препорачано