Берзанските пазари во САД и Азија продолжуваат да бележат силен раст, при што и Волстрит и дел од најважните азиски индекси достигнаа нови рекордни нивоа. Главен двигател на овој оптимизам и натаму се компаниите поврзани со вештачката интелигенција и производството на чипови, кои повторно се во центарот на вниманието на инвеститорите.
На Волстрит, индексот Dow Jones порасна за 1,24% и достигна 49.910 поени, додека S&P 500 се искачи за 1,46% на 7.365 поени. Nasdaq оствари најсилен дневен раст од 2,02% и постави нов рекорд на 25.838 поени, што дополнително го потврдува силниот импулс во технолошкиот сектор.
Најголем придонес за растот повторно имаа производителите на чипови. По објавувањето на кварталните резултати, акциите на AMD скокнаа за речиси 19%, додека Intel порасна за 4,5%. Индексот PHLX Semiconductor, кој ги следи компаниите од чип-секторот, исто така доби 4,5% плус и достигна ново историско ниво. Од почетокот на годината, овој индекс е во раст од повеќе од 60%.
Врз позитивното расположение на пазарите влијаеше и делумното смирување на геополитичките тензии на Блискиот Исток. Иран соопшти дека разгледува нов американски предлог, а на пазарите се појавија информации дека Вашингтон и Техеран се блиску до договор за меморандум поврзан со прекин на конфликтот.
Растот се прелеа и во Азија. MSCI индексот на азиско-пацифички акции без Јапонија утрово порасна за 1%, а од почетокот на неделата е во плус околу 7%. Јапонскиот Nikkei првпат ја надмина границата од 62.000 поени, со скок од 5,6% на 62.826 поени. Силен раст бележат и берзите во Јужна Кореја и Тајван, каде што акциите поврзани со вештачката интелигенција продолжуваат да достигнуваат нови рекорди.







