РЦФ поддржува проект со речиси 500.000 евра за нов центар за обука во млечната и месната индустрија

Регионалниот фонд за предизвици обезбеди грант од речиси 500.000 евра за реализација на проектот „Иновативна едукација во преработката на производи од млеко и месо“, кој ќе го спроведуваат Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, во соработка со шест локални компании. Доделувањето на средствата се одвива во рамки на четвртиот национален собир за дистрибуција на грантови во Македонија, организиран од Регионалниот фонд за предизвици, во партнерство со Стопанската комора.

Според Министерството за образование и наука, грантот ќе биде искористен за изградба и опремување на современ центар за обука за преработка на млеко и месо, како и за развој на нова наставна програма и материјали за учење. Во рамки на проектот ќе се овозможи стекнување две нови стручни квалификации: „Млекопреработувач“ и „Преработувач на месо и месни производи“.

Од вкупно 187 апликации поднесени на четвртиот повик низ Западен Балкан, 14 биле од Македонија, а Комисијата за избор одлучила токму овој проект да добие поддршка во износ од 495.350 евра. Од Стопанската комора посочуваат дека средствата ќе помогнат во унапредување на образовната инфраструктура и обезбедување поквалитетна едукација во рамки на кооперативното образование.

Во текот на сите четири повици, Регионалниот фонд за предизвици досега поддржал 17 проекти во Македонија, во соработка со 91 партнерска компанија, со вкупна вредност од 7,63 милиони евра.

Поврзани вести

Препорачано