Иако цените на храната во земјава засега остануваат стабилни, економските експерти предупредуваат дека оваа состојба нема да трае долго. Зголемените трошоци за производство, поттикнати од растот на цените на енергенсите и суровините на глобалните пазари, создаваат сериозен притисок врз компаниите, кои сè потешко го апсорбираат ударот.
Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојузот на стопански комори, истакнува дека дел од компаниите веќе работеа со загуби, а растот на цените на горивата, ѓубривото, алуминиумот, стаклото и пластиката директно го зголемува вкупниот трошок за производство. „Сите влезни материјали се поскапени, што неизбежно ќе се одрази врз крајната цена на производите“, предупредува Ѓорѓиевски.
Особено чувствителни на овие промени се прехранбените производи кои бараат пакување, бидејќи амбалажата е изработена од материјали чија цена расте. Ова укажува дека во наредниот период може да се очекува поскапување на вода, сокови, млеко и млечни производи, како и овошје и зеленчук.
Иако бизнисот се обврзал на краток рок да ги задржи цените на основните производи, веќе се прават пресметки за корекции кај останатите категории. Точниот процент на зголемување сè уште не е дефиниран, но граѓаните треба да се подготват за повисоки трошоци за живот од септември.
Ѓорѓиевски дополнува дека дури и при брза стабилизација на глобалните пазари, ефектите врз домашната економија нема веднаш да исчезнат. Дел од компаниите можат да бидат принудени на намалување на бројот на вработени или затворање на производствени капацитети.
Според него, замрзнувањето на маржите нема да даде значителен ефект, па повикот е кон доследно спроведување на Законот за нефер трговски практики и засилена контрола од надлежните институции. Сигналите од економијата упатуваат на период на неизвесност, при што поскапувањата стануваат прашање на време и интензитет.






