Најновите податоци на Евростат за 2025 година откриваат изразени разлики во животниот стандард меѓу земјите членки на Европската Унија, анализирани преку бруто-домашниот производ по жител прилагоден на куповната моќ. На самиот врв се наоѓа Луксембург, додека Бугарија и Грција се позиционирани на дното, при што јазот меѓу најбогатите и најсиромашните достигнува околу три и пол пати.
Покрај Луксембург, високо рангирана е и Ирска, а меѓу земјите со силен економски стандард се вбројуваат и Холандија, Данска и Австрија. Над европскиот просек се наоѓаат и Германија, Белгија, Шведска, Малта и Финска. Од најголемите економии, Германија е единствената што го надминува просекот, Франција се движи околу него, додека Италија и Шпанија остануваат под европското ниво.
Во групата на земји со понизок економски стандард се Хрватска, Латвија, Словачка и Унгарија, додека Романија и Естонија се поблиску до просечните вредности. Полска и Португалија, пак, се меѓу пониско позиционираните членки.
Просечниот БДП по жител во Европската Унија изнесува околу 41.600 евра. Сепак, високите резултати во Луксембург и Ирска делумно се должат на специфични фактори, како што се значителното присуство на странска работна сила и голем број мултинационални компании. Интересно е што мнозинството граѓани на ЕУ живеат во земји под просекот, бидејќи само 10 од вкупно 27 земји членки го надминуваат.
Кога станува збор за земјите кадидатки, нивото на економски развој е уште пониско. Србија достигнува околу 52% од просекот на ЕУ, Босна и Херцеговина околу 35%, Албанија и Северна Македонија приближно 42%, Црне Гора околу 53%, додека Турција се доближува до 72% од европскиот просек.
Иако БДП по жител често се користи како главен индикатор за економска благосостојба, економистите нагласуваат дека реалната индивидуална потрошувачка дава пореална слика за секојдневниот животен стандард на населението.






