Војната на Блискиот Исток ќе предизвика засилена инфлација и забавување на глобалниот економски раст, изјави во понеделникот директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, во разговор за Ројтерс, во пресрет на објавувањето на новите светски економски прогнози.
Конфликтот доведе до најсериозен прекин во глобалното енергетско снабдување досега, откако блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран – стратешка рута преку која се транспортира околу една петтина од светската нафта и гас – запре милиони барели производство.
Георгиева нагласи дека дури и во случај на брзо разрешување на конфликтот, ММФ ќе ги ревидира прогнозите, намалувајќи ги очекувањата за економски раст и зголемувајќи ги проекциите за инфлација. Таа додаде дека војната ќе биде во фокусот на разговорите меѓу финансиските лидери на претстојните пролетни состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон.
Според неа, без овој конфликт, Фондот очекувал умерено подобрување на глобалниот раст, со проекции од 3,3% за 2026 и 3,2% за 2027 година, како резултат на постепеното закрепнување по пандемијата.
„Наместо тоа, сега сите насоки водат кон повисоки цени и побавен економски раст. Се соочуваме со период на зголемена неизвесност“, истакна Георгиева, посочувајќи на геополитичките тензии, технолошките промени, климатските шокови и демографските трендови како дополнителни фактори.
Таа потенцираше дека, по надминувањето на овој шок, вниманието мора да остане насочено кон потенцијалните идни ризици.
Дополнително, Георгиева посочи дека конфликтот веќе го намалил глобалното снабдување со нафта за околу 13%, при што последиците се чувствуваат и во испораките на гас, како и во поврзаните синџири на снабдување, вклучувајќи хелиум и ѓубрива.






