Банките во еврозоната треба да започнат подготовки за почесто користење на стандардните кредитни операции на Европската централна банка, со оглед на тоа што вишокот ликвидност во финансискиот систем постепено се намалува, се наведува во блог-објава на централната банка.
Повикајќи се на годишното истражување меѓу банкарските трезори, ЕЦБ истакнува дека банките кои претставуваат околу една четвртина од вкупната актива на банкарскиот систем во еврозоната веќе работат блиску до посакуваното ниво на резерви. Тоа е значително зголемување во однос на 15 проценти една година претходно, а се очекува овој удел до крајот на годината да достигне околу 50 проценти.
„Како што резервите продолжуваат да се намалуваат, важно е банките да бидат подготвени да ги користат операциите на Евросистемот како рутинска алатка за управување со ликвидноста и поддршка на пазарните активности“, наведува група економисти на ЕЦБ.
По години обележани со кризен пристап, вклучително долгорочни кредити и масовни откупи на обврзници, ЕЦБ сега се подготвува за премин кон систем во кој нивото на резерви повеќе ќе зависи од реалните потреби на банките.
Вишокот ликвидност достигна врв кон крајот на 2022 година на околу 4,7 трилиони евра, но оттогаш речиси се преполови, главно поради истекување на кредитите и прекинот на реинвестирањето на доспеаните обврзници.
Иако користењето на стандардните седмични и тримесечни операции на ЕЦБ и натаму е релативно ниско, бројот на банки што учествуваат во нив постепено расте. Межу оние кои ја поттикнуваат нивната редовна употреба и е членка на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел.
Анализата на пазарот на пари покажува дека ликвидноста и понатаму е рамномерно распределена меѓу банките и државите од еврозоната, без знаци на фрагментација.
Краткорочните каматни стапки во моментов се движат блиску до депозитната стапка на ЕЦБ од околу два процента, но евентуален раст, особено на пазарите со подолги рочности, може да сигнализира промени во потребите за ликвидност и атрактивноста на кредитните операции на централната банка.
ЕЦБ подоцна во текот на годината ќе го преиспита оперативниот рамковен систем воспоставен во 2024 година, со цел негово прилагодување на новите услови на финансиските пазари. Во план се и дополнителни инструменти, вклучително рефинансирачки операции и структурен портфолио на средства, кои треба да им помогнат на банките во управувањето со идните потреби за ликвидност.







