Јапонија започна со ослободување на дел од своите итни резерви на нафта во услови на глобална енергетска кризапредизвикана од привременото затворање на Ормутскиот теснец од страна на Иран. Одлуката следува по ескалацијата на тензиите во регионот по нападите на САД и Израел.
Во официјално соопштение објавено денес, јапонската влада информира дека ќе ослободи 80 милиони барели нафта од националните резерви за да ги ублажи последиците од нарушувањата во снабдувањето. Премиерката Санае Такаичи минатата недела го најави овој чекор, изразувајќи загриженост за безбедноста на превозот на енергенси низ теснецот.
Ослободувањето на нафтата ќе се координира со Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која најави дека планира да активира рекордни 400 милиони барели за стабилизирање на пазарите. Сепак, цените на нафтата минатата недела продолжија да растат над 100 долари за барел, поради стравувањата од продолжено блокирање на критичниот воден пат.
Аналитичарите предупредуваат дека цените можат да продолжат да се зголемуваат сè додека превозот низ Ормутскиот теснец, кој обично носи околу една петтина од глобалното снабдување со нафта, остане ограничен.
Токио истакнува дека нема планови за распоредување на својата морнарица за деблокирање на теснецот, и покрај повиците на американскиот претседател Доналд Трамп за меѓународна помош. Јапонија, која зависи од увоз на нафта за околу 80% од своите енергетски потреби, располага со едни од најголемите резерви во светот, доволни за околу 254 дена домашна потрошувачка.







