Шпаркасе банка најавува промени во надоместоците и укинување на одредени услуги

Шпаркасе банка најави измени во тарифникот за услуги наменети за физички лица, кои ќе започнат да се применуваат од 1 јуни. Промените опфаќаат повеќе сегменти, вклучително платежни сметки, пакет-производи, електронско и мобилно банкарство, како и укинување или поедноставување на одредени надоместоци.

 

Кај платежните сметки се воведува месечен надомест од 60 денари за одржување сметка во странска валута. Во однос на пакетите услуги, месечните трошоци ќе се движат од 160 до 490 денари, при што се дефинирани нови цени за повеќе пакети: С Пакет Плус – 200 денари, Смарт Пакет – 270 денари и Супериор Пакет – 370 денари.

 

Измени има и кај електронското банкарство. За интернет-банкарството месечниот надомест за информативен пристап ќе изнесува 35 денари, додека издавањето дигитален сертификат (Верба PKI) ќе се наплатува 5.700 денари за нов токен, односно 4.700 денари за сопствен токен, со важност од три години. Со ова се воведува поедноставен модел, наместо досегашното тарифирање според времетраење од една или две години.

 

Кај мобилното банкарство (S-banking), регистрацијата ќе биде бесплатна, но ќе се наплатува месечен надомест од 100 денари за активен и 90 денари за пасивен профил.

 

Од 1 јуни се укинуваат и одредени надоместоци. Меѓу нив е наплатата за регистрација на активен корисник, како и надоместот за доставување податоци до извршители и нотари.

 

Дополнително, се поедноставуваат условите за трајните налози, при што се укинува варијабилниот надомест и се воведува фиксен износ од 20 денари. Ова се однесува на плаќања како режиски трошоци, рати за кредити и кредитни картички, а опфатот е проширен и на услуги од Македонски Телеком.

 

Согласно законските прописи, клиентите ќе се смета дека ги прифатиле новите услови доколку до нивното стапување во сила не ја известат банката дека ги одбиваат или не побараат раскинување на договорот.

Поврзани вести

Препорачано