Од денес минималната плата се зголемува за 1.600 денари

Од денес (1 април), минималната плата во Македонија се зголемува на 26.046 денари, што претставува покачување од 1.600 денари. Новиот износ го добиваат околу 35.000 работници, но Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) оценува дека ова покачување е недоволно за покривање на растечките трошоци за живот.

 

Според синдикатот, само во последните три месеци, трошоците за синдикалната кошничка се зголемиле за 2.500 денари, што значи дека сегашното покачување не ги следи реалните потреби на работниците со минимална плата. „Со овој минималец од 26.046 денари, преживувањето за најранливите работници останува тешко. Со повисоко покачување би биле опфатени и над 150.000 други вработени со плати под 30.000 денари“, велат од ССМ.

 

Синдикатот претходно побара минималната плата да се зголеми на 600 евра, за да се подобри куповната моќ и животниот стандард на работниците. Владата, сепак, се држи до својата формула за редовно усогласување, која предвидува покачување од 1.600 денари. Работодавачите се подготвени да ја зголемат платата, но бараат дел од трошоците за придонеси да бидат покриени од државата.

 

ССМ истакнува дека неприфаќањето на државата да покрие дел од придонесите го спречи интервентното зголемување на минималната плата над загарантираниот износ. Планот на синдикатот беше да се ослободат работодавачите од придонеси во период од 12 месеци, со цел полесно покачување на платите за најранливите работници.

 

„Ќе продолжиме да бидеме активни и да бараме сите демократски начини за подобрување на куповната моќ на работниците“, најавија од ССМ.

Поврзани вести

Препорачано