Нов ценовен бран: лебот и храната поскапуваат пред празниците

Растот на цените на енергенсите продолжува да се прелева врз основните прехрамбени производи во Македонија, при што најновите сигнали упатуваат на поскапување на лебот и на свежите производи непосредно пред Велигденските празници.

 

Во повеќе градови, меѓу кои Штип, Кочани, Прилеп и Битола, дел од пекарниците веќе ги коригираат цените на белиот леб и печивата. Зголемувањето се движи од 3 до 5 денари, при што векна леб од 450 грама достигнува цена од околу 40 денари. Во одредени продажни места, сечениот бел леб веќе се продава по оваа цена.

 

Претставници од индустријата посочуваат дека одлуката за корекција на цените ја носи секој производител поединечно, најчесто како одговор на зголемените трошоци за производство и енергија.

 

Во меѓувреме, граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци за живот, додека растот на платите и пензиите не успева да гом следи темпото на поскапувањата. И покрај неодамнешните зголемувања, реакциите од синдикатите и политичките субјекти се дека тие не се доволни за да се ублажи ударот врз домашниот буџет.

 

Според податоците, вредноста на синдикалната минимална кошничка во март се приближила до 68.000 денари, со раст од над 2.000 денари за само неколку месеци, што дополнително го зголемува притисокот врз домаќинствата.

 

Од друга страна, Бесар Дурмиши, министер за економија, оценува дека владините мерки за стабилизирање на цените даваат ефект, посочувајќи на намалувањето на ДДВ за горивата и засилените контроли на пазарот.

 

Според него, инфлацијата бележи тренд на намалување, а земјата се наоѓа меѓу оние со пониска стапка во Европа. Сепак, меѓународните прогнози укажуваат дека глобалните движења на цените на енергенсите би можеле повторно да извршат притисок врз инфлацијата и економскиот раст.

 

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека институциите ја следат состојбата и дека ќе реагираат доколку се утврдат неоправдани поскапувања, најавувајќи санкции за евентуални злоупотреби на пазарот.

Поврзани вести

Препорачано