Кога плаќаш иста цена за лебот, а добиваш помалку

На полиците во продавниците и во пекарниците сè изгледа речиси непроменето. Лебот е уредно нареден, мирисот на свежо печено тесто се шири низ просторот, а купувачите секојдневно ја повторуваат истата навика – купуваат леб без многу размислување. Но, ако внимателно се погледне декларацијата, може да се забележи една суптилна промена: леб од 450 грама.

 

На прв поглед оваа разлика не изгледа значајна. Сепак, во време кога трошоците за брашно, струја и транспорт постојано растат, секој грам станува важен. Во последните години, дел од производителите постепено ја намалуваат тежината на лебот. Некогаш лебот тежеше половина килограм, но денес на пазарот се среќаваат лебови од 480, 470, па и 450 грама, додека цената често останува иста.

 

Оваа појава отвора прашање дали станува збор за измама или начин производителите да се справат со зголемените трошоци. Во економијата, ваквата практика е позната – наместо да се зголеми цената на производот, се намалува неговата количина. Потрошувачот плаќа исто, но добива помалку.

 

Иако на декларацијата тежината е јасно наведена, малкумина купувачи навистина обрнуваат внимание на тие детали. Повеќето луѓе се водат според изгледот на производот. Ако формата и пакувањето се/изгледаат исти како порано, ретко кој ќе забележи дека лебот не е тежок како порано.

 

Од друга страна, пекарите нагласуваат дека се соочуваат со постојано зголемување на производствените трошоци. Доколку цената на лебот нагло се зголеми, реакцијата на купувачите веднаш се гледа. Намалувањето на тежината, пак, е помалку забележливо решение.

 

Економските аналитичари велат дека станува збор за компромис меѓу производителите и пазарот. Но, за многумина, оваа практика не е така фер, бидејќи потрошувачите се навикнати на одредени традиционални тежини на основните производи.

 

Лебот отсекогаш бил симбол на секојдневниот живот и на економската состојба. Кога неговата тежина се намалува, дури и без промена на цената, многумина го чувствуваат тоа како тивок сигнал дека животните трошоци растат. Малку по малку, разликата станува забележлива – особено на крајот од месецот.

Поврзани вести

Препорачано