ЕЦБ внимателна: каматите остануваат исти поради енергетскиот притисок

Европска централна банка одлучи да ги задржи клучните каматни стапки непроменети, во услови на нов раст на цените на енергенсите што повторно ја отвора загриженоста за инфлацијата. Одлуката беше донесена по мартовската седница, без изненадувања за пазарите, бидејќи ваквиот потег веќе беше очекуван од економските аналитичари.

Депозитната каматна стапка останува на ниво од 2%, додека стапката за главните операции за рефинансирање е задржана на 2,15%, а граничната кредитна стапка на 2,4%. Со ова, банката сигнализира претпазлив пристап во време на зголемена глобална неизвесност.

Главен фактор за ваквата политика е растот на цените на нафтата и природниот гас, поттикнат од геополитичките тензии на Блискиот Исток. Според оценките на ЕЦБ, конфликтите во регионот создаваат ризици за нови инфлаторни притисоци, но истовремено можат да го забават економскиот раст.

Во последните денови, европските цени на природниот гас нагло пораснаа, достигнувајќи највисоки нивоа во последните неколку години. Истовремено, цената на суровата нафта бележи значителен скок, што дополнително ја зголемува неизвесноста на пазарите.

Економистите предупредуваат дека доколку ваквите високи цени на енергијата се задржат подолг период, тоа може да доведе до продолжени инфлаторни притисоци и одложување на евентуалното намалување на каматните стапки.

Од ЕЦБ повторно нагласуваат дека нивната основна цел останува стабилизирање на инфлацијата околу 2% на среден рок, но идните одлуки ќе зависат од развојот на економската состојба и глобалните ризици.

Поврзани вести

Препорачано