Европската унијаја се подготвува за можни енергетски потреси откако конфликтот меѓу САД, Израел и Иран продолжува. Брисел ги повикува своите граѓани да штедат енергија, да користат јавен превоз и да работат од дома, за да се намали зависноста од увозни горива.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека економските последици од конфликтот би можеле да бидат слични на периодот на пандемијата или почетокот на војната во Украина, кога Европа драстично го намали увозот на руска енергија. Европскиот комесар за енергија, Дан Јоргенсен, истакна дека секое заштедено количество на нафта, дизел или авионско гориво е значајно и повика на поширока употреба на карпулинг и јавен транспорт.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека мерките на индивидуално ниво не се доволни. Ана Марија Јалер-Макаревич од Институтот за енергетска економија вели дека Европа сè уште не ја сфаќа сериозноста на кризата, особено со пренасочувањето на дел од испораките на течен природен гас кон Азија.
Цените на нафтата и гасот веќе се зголемиле за околу 70 отсто од почетокот на американско-израелските напади кон Иран, а иранските одмазднички акции во Персискиот Залив, вклучително блокадата на Ормускиот теснец, го загрозуваат глобалниот транспорт на енергија. Европската комисија проценува дека првите десет дена од конфликтот ја чинеле ЕУ дополнителни три милијарди евра за увоз на фосилни горива.
Експертите предлагаат забрзување на транзицијата кон обновливи извори, инвестиции во соларна и ветерна енергија, топлински пумпи, намалување на греењето во јавните објекти и ограничување на службените патувања. Бругел додава дека намалување на даноците за електрична енергија би ја поттикнало електрификацијата и намалувањето на зависноста од фосилни горива.
Дури и ако конфликтот заврши наскоро, снабдувањето со течен природен гас нема да се врати брзо. Иранските напади веќе предизвикаа сериозни оштетувања на катарскиот комплекс Рас Лафан, а поправките можат да траат месеци или години. Јоргенсен предупредува дека кризата нема да биде кратка и дека енергетската инфраструктура во регионот е сериозно оштетена.






