Банките со стабилен раст: штедењето и кредитирањето продолжуваат нагоре

Банкарскиот систем ја задржува стабилноста и трендот на раст, и покрај краткорочни осцилации. Во февруари, вкупните депозити достигнаа 10,64 милијарди евра, што е зголемување од речиси 10% на годишно ниво, додека во споредба со јануари има минимално намалување од 0,1%, главно поради повлекувања од корпоративниот сектор. Во исто време, кредитната активност бележи подинамично темпо: вкупните кредити достигнаа 9,15 милијарди евра, со раст од 12,6% годишно и благ месечен пораст од 0,2%.

Граѓаните остануваат клучен фактор во системот. Депозитите на домаќинствата изнесуваат 7,26 милијарди евра, со раст од 0,8% месечно и 11,4% годишно. Се забележува зголемена доверба во денарот и ориентација кон подолгорочно штедење. Паралелно, расте и задолжувањето: кредитите на домаќинствата достигнаа 4,55 милијарди евра, со годишен раст од 11,3%. Најголем удел имаат потрошувачките и станбените кредити, при што станбените растат побрзо, што упатува на засилена активност на пазарот на недвижности.

Од друга страна, се намалува користењето на поскапи форми на задолжување. Кредитните картички и дозволените минуси бележат пад, што укажува на повисока финансиска дисциплина кај населението и насочување кон поповолни кредитни производи.

Кај компаниите, пак, има умерено намалување на депозитите на месечно ниво, но тие сè уште се повисоки во однос на лани. Кредитирањето на корпоративниот сектор бележи силен годишен раст, и покрај малото месечно опаѓање, со доминација на кредити во домашна валута – показател за продолжен процес на денаризација во економијата.

Поврзани вести

Препорачано