Фармацевтската компанија Реплек АД Скопје донесе одлука да понуди на продажба дел од своите сопствени акции, но и да задржи можност за нивен последователен откуп, со цел подобрување на финансиската позиција и стабилноста.
Според одлуката, на пазарот ќе бидат понудени најмногу 21.110 сопствени акции, што претставува 8,14 проценти од основната главина, со вкупна номинална вредност од околу 1,19 милиони евра. Продажбата ќе се реализира преку јавна понуда, со објавување проспект и покана во согласност со правилата на Македонска берза, а цената ќе се формира врз основа на пазарните услови.
Очекувањата се дека оваа трансакција ќе придонесе за зголемување на ликвидноста на компанијата и усогласување со законската регулатива. Инвеститорите кои ќе ги купат акциите ќе стекнат право на глас, дивиденда и учество во ликвидационата маса.
Истовремено, Собранието на акционери одобри и можност за откуп на сопствени акции до максимум 10 проценти од основната главнина, во период од една година. Откупната цена ќе се движи во опсег од плус или минус 10 проценти од последната пазарна вредност, со можност за отстапување во услови на поголеми пазарни промени.
За оваа намена ќе се користат сопствени средства, при што е потенцирано дека финансиската стабилност на друштвото мора да остане непроменета и во рамки на законски утврдени критериуми.







