Геополитичките тензии и вооружените судири често предизвикуваат силни потреси на финансиските пазари и јса тестираат трпеливоста на инвеститорите. Сепак, искуството покажува дека ваквите турбулентни периоди неретко претставуваат можност за создавање долгорочна финансиска вредност.
Движењето на цените на берзите во голема мера е под влијание на емоциите на инвеститорите. Во периоди на економски раст често владее оптимизам, компаниите се вреднуваат повисоко, а ризиците се занемаруваат. Но кога ќе се појават знаци на нестабилност, оптимизмот брзо се претвора во страв, што доведува до нагли падови на цените. Такви реакции се забележуваат и на светските пазари поради актуелните случувања на Блискиот Исток.
Во вакви ситуации, финансиските експерти советуваат смиреност, дисциплина и долгорочен пристап кон инвестирањето. Најважно е инвеститорите да не реагираат панично. Падовите на пазарот се природен дел од економските циклуси, а минатото покажува дека и по најтешките кризи (како глобалната финансиска криза во 2008 година или пандемијата) пазарите на крајот закрепнале.
Исто така, препорачливо е да се следи однапред поставениот инвестициски план. Краткорочните нестабилности не треба значително да ја менуваат стратегијата, освен ако не се променат личните финансиски цели. Кризите често создаваат и можности за купување на квалитетни средства по пониски цени. Познатиот инвеститор Ворен Бафет често нагласува дека поволните прилики се појавуваат токму кога на пазарот владее страв и многумина продаваат.
Редовното инвестирање е уште една важна стратегија, бидејќи на тој начин се намалува просечната цена на вложување и се зголемува потенцијалната добивка на долг рок. Експертите исто така предупредуваат дека е речиси невозможно точно да се предвиди најниската точка на пазарот.
Диверзификацијата на портфолиото останува еден од најефикасните начини за намалување на ризикот. Распределбата на средствата во различни индустрии, региони и видови инвестиции (како акции, обврзници или благородни метали) може значително да ја намали изложеноста на загуби. Корисно е и дел од средствата да се чуваат во готовина, за инвеститорите да можат да реагираат кога ќе се појават поволни пазарни можности. Дополнително, се препорачува периодично ребалансирање на портфолиото и насочување кон стабилни компании со здрави финансиски показатели.
На крајот на краиштата, финансиските советници истакнуваат дека прекумерното следење на дневните вести и краткорочните пазарни движења може да доведе до импулсивни одлуки. Иако многумина знаат дека е најдобро да се купува кога цените се ниски, токму тогаш е најтешко да се задржи смиреноста. Затоа, клучната разлика меѓу успешните и неуспешните инвеститори најчесто лежи во дисциплината и способноста да се донесуваат рационални одлуки во време на неизвесност.







