Стартува тест-фазата на „е-фактура – компаниите повикани на рано вклучување

Управата за јавни приходи започна со тестирање на системот „е-Фактура”, со фокус на електронското издавање и размена на фактури, како и на техничката интеграција преку API сервиси. Проектот влегува во клучна фаза пред неговата задолжителна примена.

 

Од институцијата ги повикуваат сите компании – особено оние што развиваат или користат софтвер за фактурирање – активно да се приклучат во тестирањето. Раното вклучување, како што нагласуваат, е важно за навремена техничка и оперативна адаптација.

Воедно, од УЈП предупредуваат дека во овој период се појавуваат приватни субјекти кои нудат обуки и консултации поврзани со „е-Фактура”. Институцијата потенцира дека единствено таа обезбедува официјални информации, насоки и обуки, и не сноси одговорност за содржините понудени од трети страни.

 

За поддршка на компаниите, веќе се ангажирани даночни агенти кои директно комуницираат со деловните субјекти и помагаат во процесот на имплементација и користење на системот.

 

Сите релевантни информации се достапни преку официјалните канали на УЈП, како и на специјализираната платформа за „е-Фактура”. Прашања и сугестии може да се испраќаат и по електронски пат до надлежните служби.

 

Во наредниот период се очекува да биде овозможена и опција за рачен внес на фактури преку веб и клиентска апликација. Ова решение ќе биде наменето за компании со помал обем на фактурирање или за оние кои немаат технички услови за надградба на постојните системи.

Поврзани вести

Препорачано