Се предлагаат законски измени за поевтини горива и патарини – ќе добијат ли поддршка во Собранието?

Пратеници од опозицијата, предводени од СДСМ, до Собранието доставија предлог-измени на неколку закони со кои, според нив, треба да се подобри животниот стандард на граѓаните и да се намали економскиот притисок врз домаќинствата и компаниите. Предложените измени опфаќаат три клучни закони и имаат за цел намалување на цените на горивата, пониски акцизи и поевтини патарини.

 

Со измените на Законот за данок на додадена вредност се предлага намалување на ДДВ за бензините и дизел горивото од 18 на 5 %. Според предлагачите, ваквата мерка би довела до пониски цени на горивата и би го намалила притисокот врз домашниот буџет на граѓаните. Тие посочуваат дека високите цени на горивата директно влијаат врз цените на останатите производи и услуги.

 

Дополнително, се предлага и намалување на акцизите на нафтените деривати преку измени на Законот за акцизи. Според образложението, оваа мерка треба да помогне во ублажување на инфлаторните притисоци и да ја поддржи економската активност во услови на глобални кризи и раст на цените на енергенсите.

 

Третиот пакет измени се однесува на Законот за јавни патишта, каде се предлага намалување на патарините и нивно регулирање со закон, наместо со владина одлука. Целта е да се намалат трошоците за граѓаните и компаниите, како и да се подобри протокот на сообраќајот.

 

Според предлагачите, мерките се насочени кон стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард во период на економска неизвесност.

Поврзани вести

Препорачано