Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието изјави дека енергетската состојба во земјата е стабилна, и покрај глобалната енергетска криза која се смета за најголема во последните децении.
Во одговор на пратеничкото прашање од Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ за моменталната ситуација во енергетскиот сектор, Мицкоски посочи дека моментално во државата се складирани околу 165.000 тони јаглен, додека хидроакумулациите се наполнети речиси до 40 % од нивниот капацитет. Тој исто така нагласи дека обезбедени се и доволни количини природен гас за потребите на Скопје до крајот на април.
Мицкоски истакна дека АД ЕСМ во ноќните часови извезува електрична енергија, што на дневно ниво носи приходи од 100.000 до 150.000 евра, а месечно тоа изнесува меѓу 6 и 9 милиони евра, зависно од цените на енергетската берза. Според премиерот, ова ја покажува не само стабилноста на домашната енергетска мрежа, туку и способноста на земјата да обезбедува енергија за регионот, вклучувајќи и странски аеродроми со керозин. Тој нагласи дека евентуалната забрана за извоз би предизвикала зголемување на трошоците за транспорт и авионски билети во тие држави.
Премиерот најави дека на претстојниот самит ЕУ–Западен Балкан во јуни ќе ги претстави плановите за регионална енергетска интеграција. Според него, далноводите, гасните интерконектори и преносните мрежи функционираат непречено и веќе се дел од европскиот систем, па со соработка, во регионот може да се овозможи дополнителна стабилност и инвестиции.
Мицкоски истакна дека, според процените на Светската енергетска агенција, во наредната деценија глобално ќе недостигаат околу 40.000 ТW нови енергетски капацитети, а само минимален дел од нивните инвестиции би значел значајни економски придобивки за регионот.







