Tарифите на Трамп ја преобликуваа светската трговија

Една година по воведувањето на тарифите поврзани со т.н. „Ден на ослободувањето“, глобалната трговија претрпе значајни промени, покажуваат најновите анализи на трговските текови. Податоците откриваат пренасочување на увозот, нови добитници на пазарот и зголемен товар врз американските потрошувачи.

 

На 2 април 2025 година, американскиот претседател Доналд Трамп објави пакет мерки за „економска независност“, со кои воведе основна царина од 10% за увоз од речиси сите земји. Дополнително, државите со трговски суфицит со САД беа погодени со повисоки тарифи, во некои случаи и до 50%.

 

Пазарите реагираа веднаш – светските берзи забележаа пад, а трговските партнери започнаа итни преговори со Вашингтон. По неколку одложувања, новите царински стапки стапија на сила во август 2025 година.

 

Во прресрет на мерките, американските компании значително го зголемија увозот. Во првите три месеци од 2025 година, увозот беше за околу 20% повисок од просекот во претходните години. Особено се истакна увозот на злато, кој достигнува рекордни нивоа.

 

Со стапувањето на тарифите во сила, компаниите почнаа да ги менуваат синџирите на снабдување. Увозот од Кина најмногу опадна, додека земји како Виетнам, Тајван и Индија го зголемија својот извоз кон САД. Дел од трговијата се пренасочи и кон држави со пониски царински стапки, вклучително Австралија и земји од Латинска Америка.

 

И покрај ваквите прилагодувања, економистите оценуваат дека тарифите не донеле посакувано зајакнување на домашното производство во САД. Наместо тоа, негативно се одразиле врз индустријата и вработеноста, додека раст бележеле само одредени технолошки сектори.

 

Во меѓувреме, приходите од царини значително пораснаа и достигнаа 287 милијарди долари во 2025 година. Сепак анализите покажуваат дека најголемиот дел од товарот го сносат американските увозници и потрошувачи. Според проценки, секое домаќинство во САД платило во просек околу 1.000 долари повеќе поради тарифите.

 

Дополнителна неизвесност внесе и одлуката на Врховниот суд во февруари 2026 година, со која беше оспорена правната основа на дел од тарифите. И покрај тоа, американската администрација продолжува да бара начини за нивно задржување или проширување.

 

Во услови на ваква нестабилност, многу земји веќе започнаа да ги диверзифицираат своите трговски партнери, обидувајќи се да ја намалат зависноста од американскиот пазар. Експертите оценуваат дека токму оваа адаптација може да биде клучна за долгорочната отпорност на глобалната економија.

Поврзани вести

Препорачано