Nvidia прогнозира милијардни приходи од AI чипови до 2027 година

Американскиот технолошки гигант Nvidia изнесе оптимистичка проценка дека приходите од неговите напредни чипови за вештачка интелигенција би можеле да надминат една милијарда долари  до 2027 година, како одраз на растечката глобална побарувачка за високо перформансна компјутерска моќ.

Извршниот директор Jensen Huang ја сподели оваа прогноза за време на главното обраќање на годишната конференција GTC 2026, каде што беа претставени најновите технолошки иновации и производи на компанијата.

Според него, побарувачката за процесорска моќ за AI апликации драматично пораснала во изминатиот период, при што значајна улога играат новите генерации чипови како „Blackwell“, како и претстојниот „Vera Rubin“, чија појава на пазарот се очекува во втората половина на 2026 година.

Овие најави доаѓаат во време кога инвеститорите внимателно ја следат одржливоста на растот во секторот. Инаку „Blackwell“ го носи името по математичарот David Blackwell, додека новата генерација е инспирирана од астрофизичарката Vera Rubin.

Покрај развојот на AI чипови, Nvidia најави и влез на пазарот на централни процесори, со што ќе се натпреварува со компании како Intel и AMD. Новиот CPU „Vera“ е дизајниран за употреба во напредни AI дата центри, со фокус на енергетска ефикасност.

Дополнително, компанијата претстави и нов чип за забрзување на AI процесите, особено за генерирање одговори во реално време. Производството ќе го реализира Samsung Electronics со користење на четири-нанометарска технологија, што овозможува подобри перформанси и пониска потрошувачка на енергија.

На конференцијата беа објавени и нови партнерства со IBM, Hewlett-Packard и Adobe, додека соработката со Uber за автономни возила е продолжена до 2028 година.

Иако прогнозите се оптимистички, реакцијата на пазарите беше воздржана. Акциите на Nvidia првично забележаа раст, но подоцна дел од добивките беа изгубени, што сигнализира внимателност кај инвеститорите во однос на долгорочниот тренд.

Конференцијата GTC 2026 се одржува од 16 до 19 март во San Jose и често се опишува како „Вудсток на вештачката интелигенција“ поради нејзиното влијание врз технолошката индустрија.

Поврзани вести

Препорачано