Ценовниот бран ја погодува Европа – балканските земји меѓу лидерите по инфлацијата

Животот во Европа станува сè поскап, а најновите економски показатели покажуваат дека инфлацијата повторно забрзува во голем дел од континентот. Според најновите податоци од Евростат, неколку балкански земји се најдоа на врвот на листата со највисок раст на цените, со што значително се зголеми и просечната инфлација во Европската Унија.

 

Најголем пораст на цените во ЕУ е регистриран во Романија, каде што годишната инфлација достигна 9,5%. Веднаш зад неа е Бугарија со 6%, додека Хрватска бележи инфлација од 5,4%. Токму овие земји имаат значително влијание врз европскиот просек, кој во април се искачи на 3,2%.

 

За споредба, инфлацијата во Европската Унија во март изнесуваше 2,8%, а во февруари 2,1%, што покажува дека ценовниот притисок повторно се засилува. Економистите предупредуваат дека главна причина за новиот раст се глобалните геополитички тензии и нестабилноста на енергетските пазари.

 

Последиците од конфликтот во Иран веќе се чувствуваат и на европскиот пазар. Зголемените цени на нафтата и природниот гас предизвикаа поскапување на транспортот, производството и услугите, а тоа директно се одразува врз секојдневните трошоци на граѓаните.

 

На европско ниво, највисока инфлација и понатаму има Турција, каде што стапката достигна дури 32,4%. По неа следуваат Романија, Бугарија, Грузија со 5,9% и Македонија, каде што годишната инфлација е измерена на 5,7%.

 

Меѓу земјите со повисок раст на цените се и Луксембург со 5,2%, Литванија и Исланд со по 4,9%, Грција со 4,6%, Белгија со 4,2% и Словачка со 4,1%. Србија, Црна Гора и Ирска имаат инфлација од 3,6%.

 

Од друга страна, најстабилни цени има во Швајцарија и Шведска, каде што инфлацијата е само 0,5%. Ниски стапки се регистрирани и во Данска со 1,2 % и Чешка со 2,1%.

 

Меѓународните финансиски институции, меѓу кои и ММФ и Светската банка, предупредуваат дека инфлацијата може дополнително да се зголеми до крајот на годината. Доколку продолжат кризите на енергетските пазари и геополитичките конфликти, европските граѓани би можеле да се соочат со уште повисоки трошоци за живот во наредниот период.

Поврзани вести

Препорачано