Во период кога глобалниот авионски сообраќај се соочува со најголеми предизвици по пандемијата, авиокомпанијата од Заливот „Емирати“ оствари огромна заработка од 5,4 милијарди долари и продолжи со проширување на своето работење.
Компанијата во четвртокот соопшти дека забележала рекордна годишна нето-добивка, и покрај последиците од конфликтот меѓу Иран и Израел, нагласувајќи дека побарувачката за патувања останала силна во најголемиот дел од годината.
Според објавените податоци, добивката по оданочување во периодот од 12 месеци, заклучно со март, достигнала 5,4 милијарди долари, што е раст во споредба со 5,2 милијарди долари една година претходно. Иако бројот на патници благо се намалил, повисоките приходи по патник помогнале компанијата да превезе вкупно 53,2 милиони патници.
Конфликтот меѓу Иран и американско-израелските сили, кој започна на 28 февруари, предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај. Повеќе воздушни простори на Блискиот Исток беа привремено затворени, а зголемените цени на авионското гориво дополнително ги зголемија трошоците и ја ставија авиоиндустријата под силен притисок.
Големите авиокомпании од Заливот, меѓу кои и „Емирати“, постепено ги обновуваат своите капацитети, но сè уште работат под нивото од периодот пред конфликтот. Во меѓувреме, новите напади врз Обединетите Арапски Емирати оваа недела дополнително ја зголемија неизвесноста околу кревкото примирје постигнато минатиот месец.
Компанијата со седиште во Дубаи објави и дека групацијата „Емирати Груп“ остварила рекордни приходи од 41 милијарда долари, што е за 3% повеќе во однос на претходната година. Дел од добивката ќе буиде исплатен како дивиденда на државниот инвестициски фонд ICD, во износ од една милијарда долари, пренесува Ројтерс.







