Народната банка и Светската банка ја продлабочуваат соработката во процесот на модернизација на домашниот платен систем, со нов договор за техничка поддршка за воведување инстант плаќања во земјата. Договорот беше потпишан во Вашингтон од гувернерот Трајко Славески и заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, во рамки на пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Во фокусот на соработката е воспоставувањето платен систем за инстант плаќања, кој треба да биде заснован на клонот на ТИПС, решението што Банката на Италија го развива за земјите од Западен Балкан. Целта е новиот систем да овозможи побрзи, поефикасни и посовремени плаќања, како и постепено интегрирање на домашниот финансиски систем во европската платна инфраструктура.
Од Народната банка посочуваат дека напорите, поддржани од Светската банка, веќе даваат конкретни резултати и во процесот на приближување на земјата кон Единствената област за плаќање во евра. Посебно се нагласува напредокот во приклучувањето на банките кон шемата за кредитни трансфери на СЕПА, што придонесува за поевтини, побрзи и потранспарентни прекугранични плаќања во евра за граѓаните и компаниите.
Новиот договор треба да обезбеди експертска поддршка во дизајнирањето и имплементацијата на системот за инстант плаќања, како и негово усогласување со современите европски стандарди и практики. Воедно, се очекува системот да биде регионално поврзан со платните системи на земјите од Западен Балкан и во следна фаза интегриран со ТИПС на Европската централна банка.
На средбите во Вашингтон било истакнато дека соработката меѓу Народната банка и Светската банка има пошироко значење и за други области, вклучувајќи финансиска стабилност, регулатива, супервизија, управување со ризици, дигитализација и финансиска вклученост. Делегацијата на Народната банка учествува и на регионални состаноци со претставници на Банката на Италија и централните банки од Западен Балкан, каде се разгледуваат следните чекори за реализација на системот.







