Инфлацијата во САД се искачи на 3,3 проценти под притисок од војната со Иран

Годишната инфлација во САД достигна 3,3 проценти, при што главен двигател на растот се повисоките цени на енергенсите, поттикнати од конфликтот со Иран. Според последните податоци, индексот на потрошувачките цени во март пораснал за 0,9 процентни поени во однос на февруари, што претставува најголем месечен скок од мај 2024 година.

Најсилниот удар доаѓа од нафтениот пазар. Во текот на месецот, цената на нафтата често се искачуваше над 100 долари за барел, во услови на зголемена неизвесност и ограничувања во транспортот низ Ормутскиот теснец, преку кој минува значителен дел од светската нафта. Ваквите случувања директно се одразија врз цените на енергијата во САД.

Енергетскиот сектор забележал раст на цените од 10,9 проценти, додека бензинот поскапел за 21,2 проценти на годишно ниво. Просечната цена на горивото во САД надминала 4 долари за галон, што е речиси еден долар повеќе отколку во истиот период лани. Во одделни држави, притисокот е уште поголем – во Калифорнија цената достигнува 5,91 долари за галон, а во Флорида 4,09 долари.

Поскапувањето на енергенсите веќе се прелева и во други сегменти од економијата. Повисоките трошоци за авионско гориво ги зголемија цените на авио-билетите за 2,7 проценти, додека струјата поскапе за 0,8 проценти. Паралелно, расте и притисокот врз храната, каде е регистрирано годишно зголемување од 1,9 проценти, како и врз поширокиот сектор на услуги.

Овие движења дополнително ја притискаат куповната моќ на американските домаќинства, а аналитичарите предупредуваат дека инфлаторниот притисок може да потрае доколку геополитичката ситуација не се стабилизира во скоро време.

Поврзани вести

Препорачано