Управата за јавни приходи усвои План за подобрување на усогласеноста за периодот 2026–2027, насочен кон сузбивање на неформалната економија преку современ пристап за управување со ризици.
Документот се темели на концепт кој предвидува навремено препознавање на ризиците од даночна неусогласеност и нивно адресирање преку комбинација од превентивни мерки, едукација, советување, таргетирани контроли и системски решенија.
Целта е да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници и да се поттикне доброволно и долгорочно почитување на законските обврски, наместо усогласеноста да се постигнува исклучиво преку санкции.
Планот претставува продолжение на активностите од 2025 година, со проширен опфат и унапредени механизми. Како и досега, фокусот останува на угостителството, малопродажбата и дел од услужниот сектор, каде што ризикот од неевидентирање на готовинскиот промет е најизразен.
Воедно, вниманието се проширува и кон синџирите на снабдување поврзани со овие дејности, имајќи предвид дека неформалните практики често се пренесуваат преку набавки, готовински трансакции и неформални исплати.
Дополнителен акцент се става на краткорочното туристичко сместување, особено на активностите преку дигитални платформи, како сегмент што бележи раст, но носи и зголемен ризик од непријавени приходи.
Планот предвидува засилување на информативните и превентивните активности, како и подобра координација со други институции, со цел даночните обврзници да бидат поинформирани за своите обврски и придобивките од формалното работење.
Во делот на контролите, ќе се применува понапредна селекција базирана на анализа на ризик, како и индиректни методи за утврдување на неевидентирани приходи. Наместо само формална проверка, инспекциите ќе ја оценуваат и реалната економска активност на субјектите, вклучително капацитетите, бројот на вработени, побарувачката и залихите.
Меѓу системските мерки е и надградба на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, што треба да овозможи поефикасна анализа и побрзо детектирање на ризици.
Крајната цел е трансформација на неформалните активности во формални, при што успешноста ќе се мери преку зголемување на пријавениот промет во таргетираните сектори.







