ММФ до Народна Банка: „Покачете ги каматните стапки“

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) препорачува Народната банка да ја заостри монетарната политика. Ваквата препорака доаѓа како одговор на енергетските шокови и силната домашна побарувачка.

 

Во заклучоците од редовните консултации со земјата, согласно членот 4 од Статутот на ММФ, се наведува дека централната банка треба да пристапи кон целосна алокација на благајничките записи и постепено зголемување на основната каматна стапка. Целта е реалните каматни стапки на среден рок да се приближат до неутралното ниво од околу 2 %.

 

ММФ оценува дека финансискиот систем останува стабилен. Банкарскиот сектор е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен, а нивото на нефункционални кредити е ниско. Воедно, се нотира засилен кредитен раст во 2025 година, особено во сегментот на недвижности, поттикнат од растот на цените на становите.

 

Сепак, Фондот предупредува на потенцијални ризици, пред сè поврзани со зголемената изложеност кон пазарот на недвижности. Иако макропрудентните мерки веќе се заострени, се посочува дека може да бидат потребни дополнителни чекори за зајакнување на капиталните заштитни слоеви доколку притисоците продолжат.

 

Воедно, ММФ препорачува понатамошно усогласување на банкарската регулатива со европските стандарди, како и засилен надзор врз небанкарските институции и крипто-секторот.

Поврзани вести

Препорачано