Студенти кои учествувале во програмата „Ворк енд травел“ во Германија неодамна добиваат известувања од Управата за јавни приходи (УЈП) дека треба да ги пријават своите приходи и да платат данок, пренесува „Студентарија“, а пренесе ТВ „Телма“.
Станува збор за студенти кои по завршувањето на работата во Германија извршиле поврат на задржаниот данок на своја македонска девизна сметка. Според нив, известувањата пристигнуваат и по пошта и електронски, а УЈП бара поднесување на електронска даночна пријава (Е-ПДД).
Во Германија работодавците автоматски задржуваат данок од платата, а по завршувањето на ангажманот работникот може да бара поврат на дел или на целиот износ. Сега, УЈП третира овој поврат како дополнителен приход, за кој студентите треба да платат данок од околу 10%, а во некои случаи и од целата заработка.
Иако Македонија и Германија имаат Договор за избегнување на двојно оданочување, проблемот се јавува околу третманот на повратот на данокот. Студентите ја истакнуваат недоумицата поради различните толкувања во различни подрачни единици на УЈП и недостатокот на јасни инструкции.
Рокот за поднесување на даночни пријави е 31 март, а студентите изразуваат револт и збунетост поради неодамнешните известувања. Од „Студентарија“ наведуваат дека засега вакви известувања добиле само оние кои повратот го примиле на сметка во Македонија.







