Недвижностите во подем: Скопје доминира, цените растат, а интересот не стивнуваа

Пазарот на недвижности во Македонија во текот на 2025 година покажа стабилност и континуиран раст, со засилен интерес за инвестирање и јасна концентрација во урбаните средини, покажуваат податоците на Агенција за катастар на недвижности.

 

Становите и понатаму се најзначаен сегмент – учествуваат со околу една третина од сите купопродажби, но сочинуваат речиси половина од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на трансакции со станови бележи благ пад, нивната вкупна вредност е во пораст, што укажува на зголемување на цените.

 

Најголема активност има во скопските општини Центар, Аеродром и Карпош, каде што се бележат и највисоки просечни цени по метар квадратен. Воедно, токму во Аеродром е продаден и најскапиот стан – за 166.500 евра, додека забележана е рекордна цена на продадена куќа во Центар за 1,5 милиони евра. Највредната деловна трансакција, пак, достигнува дури 6,8 милиони евра.

 

Вкупниот број трансакции надминува 33.000, што претставува раст во однос на претходната година, додека вкупната вредност на пазарот достигнува 1,14 милијарди евра. Значителен раст има и кај закупите, што укажува на зголемена побарувачка за изнајмување, особено во урбаните центри.

 

Покрај становите, раст бележат и куќите и градежното земјиште, додека пазарот на новоградби останува најдинамичен токму во Скопје. Интересно е што највисоката цена по квадрат е повторно забележана во Аеродром.

 

Очекувањата за 2026 година се за умерен, но стабилен раст, со продолжен интерес од инвеститорите и дополнително зајакнување на пазарот на закупи.

Поврзани вести

Препорачано