Алкалоид доминира во нетрговските преноси на акции на македонската берзата

Минатата недела,акции на четири друштва што котираат на македонската берза без тргување добиле нови сопственици.  Според податоците за нетрговски трансфери, вкупно 644 обични акции биле пренесени на нови сопственици, при што најголемиот дел – 556 акции – биле евидентирани во понеделникот.

Најзастапени во овие трансфери се акциите на Алкалоид, со вкупно 584 пренесени акции. Трансферите се реализирани во два наврати, во текот на првите два дена од неделата – 550 акции во првиот и дополнителни 34 во вториот ден. Станува збор за едни од најликвидните хартии од вредност на официјалниот пазар, со просечна цена од 25.096,20 денари.

Останатите трансакции опфатени во неделната статистика на Централниот депозитар за хартии од вредност се однесуваат на значително помали количини на акции.

Кај Окта е регистриран пренос на 44 обични акции, со просечна цена од 4.999,50 денари, формирана врз основа на последното тргување од 13 март.

Дополнително, сопственоста е променета и кај 10 акции на Макпетрол – една од петте најатрактивни акции за инвеститорите – со просечна вредност од 109.100 денари, утврдена според тргувањето на 19 март.

Во статистиката се евидентирани и шест акции на ЗК Пелагонија Битола, при што последната берзанска трансакција за оваа компанија датира од февруари, со просечна цена од 3.600 денари по акција.

Поврзани вести

Препорачано