Пивара Скопје е добитник на престижниот „Ендрју Дејвид куп“ за 2025 година – најзначајното признание во рамки на Coca-Cola HBC групацијата. Наградата беше врачена на годишната лидерска конференција во Белград, каде што компанијата се издвои како најуспешна меѓу вкупно 29 пазари.
Ова признание се доделува од 2005 година и го добива само една земја која покажала врвни резултати во повеќе клучни области – од задоволство на потрошувачите и вработените, до оперативна ефикасност, иновации и развој на кадар. Посебно се вреднува и напредокот во родова еднаквост и застапеност на жени на лидерски позиции.
Со освојувањето на наградата, Пивара Скопје ја потврдува својата силна позиција како еден од најуспешните бизнис субјекти во рамки на групацијата, но и на домашниот пазар. Уште позначајно е што ова признание најчесто го добиваат компании од големи пазари како Нигерија, Бугарија или Србија, што дополнително ја нагласува тежината на успехот.
Од компанијата истакнуваат дека наградата е резултат на тимската работа, професионалноста и посветеноста на сите вработени. Воедно, таа претставува поттик за уште поголеми инвестиции во иновации, одржлив развој и создавање вредност за потрошувачите и заедницата.
Coca-Cola HBC е една од водечките компании во индустријата за безалкохолни пијалаци, присутна на десетици пазари и со портфолио кое вклучува глобално препознатливи брендови. Групацијата е исто така препознаена по своите високи стандарди во одржливост и одговорно работење.







