Најавите за крај на конфликтот на Блискиот Исток ја намалија цената на нафтата

Цената на нафтата се спушти под 100 долари за барел, откако се појавија сигнали за можно намалување на тензиите на Блискиот Исток. Пазарите реагираа позитивно и на најавите од Вашингтон за потенцијално завршување на воените активности во Иран во наредните недели.

 

Американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека операциите би можеле да бидат финализирани во рок од две до три недели, при што одговорноста за повторно отворање на Ормускиот теснец би ја презеле други држави.

 

Податоците од пазарите покажуваат дека утринското тргување донесе пад на цената на суровата нафта од над 4 %, на околу 97 долари за барел, додека цената „Брент“ нафтата се движеше близу 100 долари.

 

Паралелно со тоа, европските берзи забележаа силен раст. Индексите во Франкфурт, Париз и Лондон пораснаа меѓу 1,7 и 3 %, што укажува на зголемен оптимизам кај инвеститорите.

 

Движења имаше и кај останатите пазари. Цената на гасот на европските фјучерси се задржа околу 50 евра за мегават-час, додека златото поскапе, а пченицата поевтини. На девизниот пазар, еврото благо зајакна во однос на доларот.

 

Позитивен тренд беше забележан и на Волстрит, каде што водечките индекси значително пораснаа на затворањето на претходната сесија, одразувајќи ја подобрената инвеститорска доверба во услови на можна деескалација на геополитичките ризици.

Поврзани вести

Препорачано