За речиси две години се забележува најголемо покачување на пензиите во последните 20 години. Од септември 2024 до март 2026 година, номиналниот раст на пензиите изнесува 7.000 денари, односно 36%, информира директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ПИОМ), Никола Мемов.
Мемов појаснува дека исплатата на мартовските пензии за 2026 година е во тек и ќе ја добијат 347.296 пензионери. За овој месец вкупната исплата на пензиите достигнува 9,65 милијарди денари, што е за 2,44 милијарди денари месечно повеќе во споредба со септември 2024 година, кога се исплатиле 7,21 милијарда денари. Според него, зголемувањето од речиси 500 милиони евра на годишно ниво е јасен показател за посветеноста на Владата кон подобрување на животниот стандард на пензионерите.
Со последните покачувања, минималната пензија во периодот 2024-2026 година се зголемила за 61,75%, додека просечната пензија пораснала за околу 40%. Овие мерки, според Мемов, ја потврдуваат намерата на Владата пензионерите да бидат еден од главните приоритети во социјалната политика.
„Со континуираното зголемување на пензиите, оваа Влада испраќа порака дека стабилноста и грижата за пензионерите се темел на општествената одговорност и дека подобрувањето на нивниот стандард е клучен политички ефект на донесените економски и социјални одлуки“, истакнува директорот на Фондот.







