Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, вчера учествуваше на онлајн координативен состанок со сите релевантни чинители во процесот на енергетска трансформација, на кој беше означен почетокот на подготовките за значаен инвестициски циклус за обновување на јавните згради во земјата.
Министерството за енергетика соопшти дека подготовките ќе започнат со изработка на студија за енергетска ефикасност, со цел обновата на јавниот градежен фонд да стане еден од клучните државни приоритети.
– Како почетен чекор, беа идентификувани 14 приоритетни јавни објекти со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри, чие реновирање се проценува на околу 11 милиони евра. Ова претставува основа за поширок инвестициски пакет, чија вкупна вредност се очекува да достигне 50 милиони евра, информираат од Министерството.
Државата веќе има обврска да обновува 3% од јавните згради годишно во периодот 2025–2028, со цел до крајот на 2028 година да се достигне најмалку 9% обновена површина.
Подготвителната студија ќе обезбеди основа за детални анализи и реализација на инвестиции, со јасни цели за секој објект: најмалку два од трите критериуми мора да бидат исполнети – 40% заштеда на енергија, 40% намалување на емисиите на стакленички гасови или 40% заштеда на вода. Дополнително, за објектите без системи за ладење, ќе се бара подобрување на термичкиот комфор од најмалку 20%.
Проектот се спроведува во рамки на програмата PEEB Cool, со поддршка од Француската агенција за развој (AFD), и во координација со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и надлежните институции. Целта е да се забрза обновата на јавните згради, да се намали енергетската потрошувачка и да се подобрат условите за работа во јавниот сектор.







